Лудило во Фиренца: Фиорентина по голема драма спречи чудо! (ВИДЕО)

Екипата на Фиорентина вечерва се извлече и не дозволи Јагелонија да комплетира вистинско чудо во плеј-офот од Конференциската лига.

Имено, Фиорентина во првиот натпревар на гости победи со 3-0 и се очекуваше Италијанците без проблеми денеска само да го потврдат пласманот во осминафиналето. Сепак, на теренот не им одеше така лесно.

Полскиот тим во првиот дел со двата гола на Мазурек поведе со 2-0 и најави дека не е дојден во Италија со „бело знаме“. Нов шок за тимот од Фиренца следуваше по четири минути игра во вториот дел кога истиот играч постигна и трет гол, па сега вкупниот резултат беше 3-3.

Така натпреварот отиде во продолженија каде што следуваше вистинско лудило. Прво Фаџоли и Кин погодуваа за Фиорентина и изгледаше дека тука драмата е завршена, но во финишот Полјаците преку Имаз постигнаа четврти гол. Сепак, им недостасуваше уште еден за да дојдат до пенали.