Квалификациите од 2024 со по 12 групи, Лига на нации добива и плејоф рунда!

Европската фудбалска унија (УЕФА) направи промени во системот на натпреварување на репрезентативен план, па денеска на Извршниот комитет на УЕФА одлучи во иднина, од септември 2024 година по завршувањето на Еуро 2024 во Германија, квалификацискиот систем да биде со – 12 групи.

Новиот систем на квалификации ќе стартува со мундијалските квалификации за СП 2026, ама ќе остане потоа и за евроквалификациите, што значи дека ќе се намали бројот на мечеви на репрезентациите, зашто групите сега ќе бидат со по пет или со по четири селекции. Во зависност од која селекција каде ќе игра во Лигата на нации (плејофи што дополнително е воведено), групите со по пет селекции ќе стартуваат во март или јуни во квалификациите, а тие со четири селекции од септември и во три термини ќе ги играат мечевите до ноември (вкупно шест меча).

Тоа што е сигурно е дека првопласираните селекции во квалификациите ќе одат директно на големите турнири, а второпласираните во зависност за што се работи или директно ќе се пласираат или ќе има баражи (во кои ќе влезат и селекциите преку Лига на нации).

Инаку во Лигата на нации е воведен плејоф, па така ќе има четвртфинална рунда за завршниот турнир, што значи првите две селекции од четирите групи после групната фаза ќе играат плејоф мечеви, а најдобрите четири ќе одат во завршната борба за трофејот.

Втората промена е што се воведува плејоф/плејаут фаза во сите дивизии, па така третопласираните селекции ќе играат вакви мечеви со вторите селекции од послабата дивизија. Последните секако испаѓаат, а првопласираните одат во дивизија погоре, па за да се зголеми неизвесноста воведена е и оваа новина, што би значело дека во следното издание за Лигата на наци, Македонија нема да мора да брка прво место за сигурен пласман во Б-дивизија, туку и како втора би добила шанса за пласман ако победи третопласирана селекција од групите од Б-сегментот.

„Сите овие измени ќе донесат многу поголема возбуда и уште посилни мечеви. Лигата на нации се покажа како полн погодок, а сега и квалификациите ќе станат подинамични и сите слекции ќе имаат еднаква шанса за пласман“, рече Александер Чеферин, првиот човек на УЕФА.