Короната експлодира во Лисабон, ама УЕФА останува цврста – ќе се доигра ЛШ таму!

Европската фудбалска унија (УЕФА) нема да го замени Лисабон по никоја цена, објави телевизиската мрежа „ЕСПН“ повикувајќи се на извори во Нион, без оглед што сериозно е зголемено ширењето на заразата од Ковид-19 и вториот бран кој еруптира во Португалија во последниве десетина дена со опасниот вирус.

УЕФА неодамна посочи дека моментно нема план Б за завршницата од ЛШ, со надеж дека до август состојбата ќе се смири, но наместо намалување, бројот на заразени секојдневно се зголемува, па државните власти во Португалија ситуацијата со заразната болест сега ја ставија едно ниво пред „катастрофална состојба“, што не е добра најава на нешто повеќе од еден месец пред рестартот на сезоната и доигрувањето на европската елита.

Пет области во Лисабом моментно се под статус „катастрофална состојба“, па вратени се превентивните мерки со забрана за масовни собири на повеќе од 10 лица на само петмина. УЕФА која објави дека фајнлејт турнирот ќе се игра во Лисабон, а најверојатно реванш осминафиналињата во Порто и Гимараеш, посочиле за „ЕСПН“ дека очекуваат новите државни мерки брзо да ја стабилизираат состојбата, а со тоа да има сигурност во одигрувањето на турнирот и битката на европските гиганти за европскиот трофеј и тронот.

Завршницата од ЛШ треба да се игра од 12 до 23 август во Лисабон, а на 7 и 8 август да се доиграат реванш четвртфиналињата, додека Лига Европа е преселена во Германија со финале во Келн на 21 август.