Историска година - Македонија првпат има тим во нокаут-фаза со заработка од 6 милиони евра!
Тетовската екипа тргна најпрво во квалификациите за Лигата на шампиони (ЛШ), каде што ги елиминираше ТНС од Велс и ФЦСБ од Романија, но потоа загуби од азербејџански Карабах. По елиминацијата се пресели во Лига Европа, каде што се соочи со Лудогорец и беше на праг до сензационален триумф, но бугарскиот тим во реваншот го нокаутира македонскиот првак, кој не жалеше премногу зашто веќе имаше обезбедено групна фаза во Конференциската лига.
Со самото учество во квалификациите за ЛШ и Лига Европа, Шкендија веќе ја наполни касата со неколку милиони евра, но тука не запре бидејќи во групната фаза на Конференциската лига оствари две победи, едно реми и три порази со што дополнително ја зголеми својата заработка од европските натпревари.
Шкендија со досегашните настапи во трите натпреварувања на УЕФА, но и изборениот пласман во нокаут-фазата на Конференциската лига заработи над 5,5 милиони евра, а заработката може дополнително да се зголеми доколку го помине првиот ривал во следната рунда.
Македонскиот шампион ќе се соочи против Лех Познањ од Полска или Самсунспор од Турција, а ждрепката на 16 јануари ќе го одреди ривалот, по што дуелите се закажани за 19 и 26 февруари 2026 година.
Овој успех на Шкендија претставува голем чекор и за македонскиот фудбал во целина затоа што освои важни бодови кои треба да им помогнат и на останатите екипи од земајва при пласманот во европските купови на УЕФА.