Холандија и Хрватска продолжуваат по трофејот во Лигата на нации (ВИДЕО)
На Хрватите им требаше победа вечерва во Виена за да го сочуваат првото место во групата 1, во која играа и Данска и Франција. По 1-1 во првото полувреме, со головите на Модриќ, па потоа на Баумгартнер, Австрија беше непрепознатлива во вториот дел, а „коцкестите“ го искористија тоа да слават со 3-1. Ливаја и Ловрен беа срелци на головите за триумф.
Со тоа Хрватска дојде до 12 бода, еден повеќе од Данска, која го стори своето и само чекаше кикс на Модриќ и дружината. Данците ја совладаа Франција со 2-0, со головите на Долберг и на Олсен уште во првото полувреме. Французите, кои се актуелни шампиони во Лигата на нации, уште пред овие септемвриски кола се знаеше дека немаат шанси да го одбранат тронот. Австрија е последна и ќе отпадне во дивизија-Б следната сезона.
Втор патник на завршниот турнир и најверојатно негов домаќин ќе биде Холандија, која е победник во групата 4. Таа вечерва имаше директен дуел со Белгија и доволно ќе ѝ беше и реми да го сочува врвот, но триумфира со 1-0 со погодокот на Ван Дајк во 73. минута. Еден гол пресуди и на вториот дуел во истата група, Полска славеше на гости кај Велс, со погодокот во копродукција на Левандовски и Свидерски. Велшаните останаа на четвртото место, што значи деградација во Б-дивизија следната сезона.
Вторите два учесника на завршниот турнир, кој патем е предвиден за периодот од 14 до 18 јуни 2023, ќе бидат познати во следните два дена, кога ќе се одиграат средбите во групите 2 и 3.