Херојот на Ц. Звезда од епската победа со Ливерпул, летово бил на чекор до – Вардар!

Младиот напаѓач на белградска Црвена Звезда, Милан Павков е новиот херој на навивачите на црвено-белите, откако синоќа со два гола го урна великанот Ливерпул, актуелниот европски вицепрвак во Белград.

Малкумина знаат дека младиот нишлија летоска за малку ќе завршел во најтрофејниот македонски клуб Вардар на едногодишен заем.

Павков мина трнлив пат од „селски фудбалер“ и антиталент, со кого се потсмеваше поголемиот дел од звездашката јавност кога дојде во кризните времиња на клубот за сума од 300.000 евра од Раднички. За сега преку ноќ да стигне до ѕвездите и да биде величан како најголемите фудбалски легенди на поранешниот европски првак.

Павков низ кариерата бил посочен како неперспективен, играч во аматерски клуб, завршил во Раднички, по што дојде во Белград и таму за многумина бил – "шперплоча". Никој не верувал во неговиот потенцијал и капацитет, па поради тоа повторно се врати во Ниш, каде што минатата сезона блесна со 23 гола.

Поради тоа што Павков не добивал шанса во Звезда, Вардар летоска се обидел да го донесе на заем. Преговарал спортскиот директор Дарко Панчев со директорот на белграѓани Звездан Терзиќ и правел еден вид притисок за да го добијат центарфорот. Но, иако се мислеле, во Ц. Звезда на крајот решиле да го задржат и да му дадат шанса, која сега на најдобар можен начин им ја возврати.

„Летово уште пред да заврши првенството, го гледав дечково (Павков -н.з.) додека играше во Раднички Ниш. Преку 'Арена' сега може да ги следиме сите првенства од бивша Југославија и ми се допадна како центрафор. Стануваше збор за интересен напаѓач, висок, со добар скок, кој знае да даде гол и кој се труди на мечевите. И почнав да му правам притисок на Терзиќ за Павков. Му се јавив и му велам: 'Терза, пушти го дечково летово во Вардар. Ем ќе го примиме добро, ем добро ќе се грижиме за него, ќе си работи, може само дополнително да се развива. Нека игра во Вардар, ќе се изнадава голови, па после ќе си го вратите'“, открива Панчев за Спорт1 за идејата Павков да го облече црвено-црниот дрес.

Во Белград размислувале за оба, особено што Ц. Звезда по европската пролет во Лига Европа во минатата сезона, тргна да направи тим кој ќе направи нов чекор повеќе, да игра во Лигата на шампионите.

„Терзиќ се мислеше, се мислеше, ама дали дека му правев преголем притисок за Павков, во еден момент, ми се јави и ми вели: 'Види Дарко, две години го даваме Павков на позајмица, а потрошовме солидна сума на пари (300.000 евра – н.з.) за него и сакаме овојпат да му дадеме посериозна шанса. Сметам де е созреан и дека заслужува шанса'. Јас се обидував до последен момент да го добијам, за да го земеме во Вардар да игра, но на крајот се помирив со одлуката. На крај се јавија и од Звезда да ми кажат дека Павков ќе остане. Ми рекоа тогаш: 'Сфати не, и нам ни треба добар шпиц. Еден планираме да купиме, а ќе ни треба уште еден и затоа ќе го оставиме. Да беше некоја друга ситуација ќе го пуштевме во Вардар, немаше да има никаков проблем'“, додава Панчев.

Павков и годинава не доби премногу шанса од стартот на сезоната, играше повеќе во првенството, даде пет гола досега, додека во европските мечеви беше само еднаш стартер до мечот со Ливерпул, а кога беше најпотребно – блесна! И преку ноќ стана херој на белграѓани.

„Знаевме да препознаеме нешто во него, мене навистина ми остави добар впечаток. Верував дека во Вардар може да се изнадава голови. Сега, драго ми е што испадна вака, што Звезда направи таква одлука, зашто сега се повеќе и повеќе игра, а вчера даде голем придонес за една навистина невидена победа против Ливерпул. Сето ова дефинитивно ќе ја подигне неговата цена и ќе ја крене неговата самодоверба за во иднина. Со еден збор, драго ми е за малиот, зошто знам дека потекнува од мала средина, дека се измачил со многу труд да дојде до тука. Драго ми е и што експлодира и му посакувам уште повеќе голови и најдобра кариера да направи“, додава Панчев, кој е легенда на белградскиот клуб, како човек кој го даде решавачкиот гол за европската титула во пенал-рулетот во финалето во КЕШ во Бари во 1991 година.