Гвардиола: Интер ме импресионира, ќе мора да одиграме најдобро за титула во ЛШ!

Менаџерот на старо-новиот англиски првак Манчестер сити, Пеп Гвардиола го испофали ривалот за европската круна во финалето на ЛШ на 10 јуни во Истанбул, Интер посочувајќи дека го импресионирале „неаѕурите“ со начинот на игра.

Гвардиола порача дека Манчестер сити мора да го одигра најдобриот меч за да дојде до „сребрениот пехар“, зашто Интер има капацитет да ги победи и има поголемо искуство од вакви финални мечеви со три европски титули во историјата.

„Јас почнав да гледам неколку минути од Интер, некои ситуации и – ме импресионираа. Ме импресионираа со начинот и со говорот на телото. Откако почнав да ги гледам, се јавив кај некои пријатели во Италија да ми дадат мислење за Интер и сите ми кажаа дека се многу сериозни и не смее да ги потцениме. Но, немаше потреба да ми го кажат тоа, зашто јас веќе сфатив со кого си имаме работа. И тоа после само неколку минути и неколку ситуации што ги погледнав. Нормално дека Интер може да нѐ победи. Имаат три европски титули, а ние ниту една и затоа ќе мора да го одиграме најдобриот меч за да не им дозволиме такво нешто“, рече Гвардиола.

Интер ќе игра шести пат финале во ЛШ, прво по 2010 година, додека за Манчестер сити ова ќе биде второ финале во ЛШ, по загубеното во 2021 година. Сити веќе освои премиерлигашка титула, а го чека прво финале во ФА-Купот идниот викенд, а потоа и финалето во ЛШ за евентуална „триплета“, за да биде втор англиски клуб по Манчестер јунајтед од 1998/99 на кого му успеало вакво нешто.