„Гатузо сакаше да замине по поразот, зашто премногу го сакаше Милан“

Поранешниот директор на Милан, Адријано Галијани ќе навива за Рома во полуфиналето на Лигата на шампиони против Ливерпул.

Иако Галијани е човек, кој посвети голем дел од својот живот на „росонерите“, сепак, вели дека со задоволство ќе навива за Рома и на тој начин ќе го поддржи единствениот италијански клуб, кој остана во Европа.

„Ќе ја поддржам Рома и ќе присуствувам на Олимпико во реваншот. Ме повика Гандини, а ќе носам голем шал на Рома. Уште ми е лошо кога ќе се сетам на Истанбул и поразот од Ливерпул“, вели Галијани.

Галијани кажа дека е воодушевен со тоа што го покажал Џенаро Гатузо досега на клупата на Милан.

„Сакам да бидам искрен, не очекував дека ќе биде толку добар. Ме изненади на позитивен начин. Беше несопирлив и кога беше фудбалер. Не можев да го замислам како тренер. По Истанбул сакаше да го напушти Милан, зашто премногу го сакаше клубот. Ми кажа дека болката ќе исчезне, само доколку замине“, кажа еден од најзаслужните луѓе за успехот на Милан во минатото.