
Франција, Белгија и Португалија први обезбедија пласман на Европското првенство (ВИДЕО)
Не е големо изненадување тоа што на Европското првенство ќе учествуваат Франција, Белгија и Португалија, три фудбалски велесили и едни од најсилните селекции во светот. Франција вечерва ја победи Холандија како гостин со 2-1, Белгија славеше против Австрија со 3-2, исто како и Португалија со Словачка.
Херој на Французите е Килијан Мбапе кој ги постигна двата гола против Холандија. Прво погоди во седмата минута, а за паметење е неговиот погодок во 53. минута. Десет минути подоцна Хартман го ублажи поразот на Холандија што беше прв примен гол на Франција во овие квалификации. Четата на Дидие Дешамп е со максимални 18 бода по шест натпревари, а Грција и Холандија во директен дуел в понеделник ќе одлучуваат за вториот патник од оваа група.
Белгија имаше комотни 3-0 на гостувањето во Австрија, но дозволи во финишот да стравува за победата. Лукебакио и Лукаку се погрижија за убедливо водство, но Кајмер и Забицер од пенал намалија на 3-2, па во последните десетина минути Белгијците ја спасуваа победата. Белгија сега има 16 бода, 10 повеќе од третопласираната Шведска на која ѝ преостануваат три натпревари до крајот. Блиску до пласман е и Австрија на која ѝ треба една победа во преостанатите два меча.
Португалија ја победи Словачка со 3-2 на крилјата на Кристијано Роналдо кој постигна два од трите гола. И тука гостинот опасно се доближи на десетина минути пред крајот, но не успеа да израмни. Португалија е со максимален биланс по седум одиграни натпревари и има 10 бода предност пред третопласираниот Луксембург.