Европскиот шампион со пресврт до победа против Албанија (ВИДЕО)

Бранителот на европскиот трон, Италија не дозволи изненадување и славеше победа од 2:1 во Дортмунд против селекцијата на Албанија.

Албанија изненадувачки прва стигна до водство и тоа со најбрзиот гол на Европските првенства кој го постигна Недим Бајрами по само 23 секунди. Главвен виновник од редовите на „Аѕурите“ за овој гол беше фудбалерот на Интер, Ди Марко кој лошо изведе аут и топката дојде до репрезентацивецот на Албанија.

Но, тој гол не ги дестабилизираше европските шампиони кои брзо го возвратија ударот. По едно кратко проигрување при еден корнер нафрли Пелегрини, а на вистинското место се најде дефанзивецот Бастони кој ја смести топката во мрежата.

Веќе во 16. минута Италија направи и целосен пресврт. Во главна улога и во оваа ситуација беше играч на Интер. Николо Барел. Фудбалерот од средината на теренот со еден силен удар го матираше албанскиот голман за водство на Италијанците.

Од тој момент Италија сигурно го контролираше натпреварот, иако не создаваше премногу прилики. Таква игра гледавме и во најголем дел од второто полувреме, па нови погодоци не видовме.