Фудбалерот кој ја уништи Италија добил понуди од два англиски гиганти

Шпанија вчера во Гелзенкирхен во дербито од второто коло ја победи Италија со 1:0 и го обезбеди првото место во групата, а така и пласман во осминафиналето. Во 55 минута, фантастичниот Нико Вилијамс одлично проби и нафрли, Мората промаши, а несреќниот Калифиори ја смести топката во својата мрежа.

Во текот на 90 минути гледавме доминација на „Фуријата“ и вистинско чудо е како Италија помина со само еден примен гол. Шпанците промашија голем број прилики, а имаа 21 удар кон противничкиот гол наспроти три на Италијанците.

Посебно импресивно играше Нико Вилијамс по левата крилна позиција каде што му правеше многу проблеми на Џовани Ди Лоренцо.

Англиските медиуми пренесуваат дека Арсенал и Челси покажале сериозен интерес и спремни се да платат 55 милиони евра оштета. Интерес имало и од Барселона, но Каталонците не можат да ја платат таа сума.

Артета во него гледа играч кој би можел да го преземе местото на левата страна, десно би играл Сака, додека за врвот на нападот желба на лондонскиот гигант е Виктор Ѓекереш.