Австриски „Новоматик“ ќе го враќа Вардар на шампионските патеки!?
Речиси се околу овој дил веќе е ставено на хартија и се чека само прецизирање на последните детали околу повеќегодишниот договор по што истиот ќе биде и официјализиран. Од извори блиски до преговарачкиот тим доаѓаат информации кои ќе донесат насмевка кај армијата навивачи на Вардар, бидејќи се најавува формирање буџет од неколку милиони евра, а со тоа и враќање на шампионските патеки.
Со ова би се ставил крај на четири годишната агонија на вардарци, по заминувањето на Сергеј Самсоненко и тешкиот период на клубот во кој дури испадна во Втората лига, од каде што се врати во елитата преку бараж, кој, пак, беше клучен за задржување на прволигашкиот статус и на крајот од минатата сезона.
„Новоматик“ е моќна интернационална компанија, која е сопственик на 2.000 казина и останати места за игри на среќа во повеќе од 50 држави Голем дел од нив се преку брендот „Адмирал“, кој е присутен и во Македонија од 2009 година. Оваа компанија на светско ниво има преку 20.000 вработени и вкупен годишен приход од 1,8 милијарди евра.