Далиќ: Петковиќ не смееше да го шутира пеналот – тоа беше голема грешка!

Бруно Петковиќ се избори за пенал, кој потоа го промаши во синоќешниот пораз на Хрватска од Шпанија (0-3) на стартот ЕП 2024 во Германија, по што селекторот Златко Далиќ откри дека бил направен голем пропуст во оваа ситуација.

„Инцидентот“ се случи во 78. минута кога шпанскиот голман Унаи Симон погреши и ја загуби топката до која дојде Ловро Мајер, кој му ја додаде на Петковиќ, кој во обид да погоди на празна мрежа беше фаулиран од Родри. Судијата покажа на белата точка, а одговорноста ја презеде самиот Петковиќ, но Симон го одбрани неговиот удар, по што Петковиќ во втроиот обид ја погоди мрежата. Но, голот беше поништен поради прераното влегување на Иван Перишиќ во шеснаесетникот. Според Далиќ, Петковиќ не требало да го шутира пеналот.

„Пеналите ги изведуваат Андреј Крамариќ и Лука Модриќ, но не беа во игра. Петковиќ не требаше да шутира, бидејќи правилото е играчот што го изнуди пеналот да не шутира. Има хиерархија во тимот и тој не треба да го шутира пеналот. Кога ја погледнав снимката, јасно е дека тој мораше да постигне гол. Имаше се отворено, без голман. Можеби тој контакт го исфрли од ритам, но тоа беше празен гол и требаше да се обиде да направи се да реализира без пенал“, изјави Далиќ.

„Коцкестите“ првата шанса за подобрување на впечатокот ќе ја имаат в среда, кога во Хамбург ќе ги одмерат силите со Албанија (15 часот).