Англиските клубови ќе имаат голем проблем ако стигнат до финале во ЛШ

Откако четири клуба од Англија се најдоа во четвртфиналето во Лигата на шампионите, првпат по пауза од една деценија, на Островот се надеваат дека после 2008 година е дојден моментот за еден од четирите премиерлигаши да се крунисаат за европски прваци.

И ако се случи еден или два тима да влезат во големото финале закажано за 1 јуни на мадридски „Ванда Метрополитано“, допрва тие англиски клубови ќе ги боли глава. И тоа зашто ќе имаат мака како да им излезат в пресрет на своите навивачи.

УЕФА објави дека финалистите ќе добијат по 17 илјади влезници, а во Англија има сериозна загриженост за такво нешто, зашто базата на навивачи им е многу поголема, а имаат претплатни влезници многу повеќе од тие 17 илјади што ќе треба да ги поделат. Па не знаат на кој начин да го изведат тоа.

УЕФА објави дека од 63 илјадниот капацитет на мадридскиот стадион, 34 илјади ќе одат за финалистите, 4 илјади се во продажба, а останатите 25 илјади се за УЕФА која ќе ги дели по федерации, партнери, корпоративни влезници...

Ова значи дека ќе има вистинска „тепачка“ за да се стигне до влезница меѓу навивачите на двата финалисти, особено ако тоа се Англичани, кои секојпат прават вистинска инвазија во градот каде што игра нивниот миленик.