Жива е Аргентина: Меси и Фернандез со два супер гола го урнаа Мексико (ВИДЕО)

Двојниот светски првак Аргентина со два шута и два супер голови на Лионел Меси и младиот Енцо Фернандез, кој блескаше есенва за Бенфика го скршија Мексико (2-0) за да останат живи на Светското првенство во Катар после бламажата пред три дена со Саудиска Арабија и поразот со 1-2.

Повеќе од еден час, Аргентинците и Мексиканците повеќе се „тепаа“ одошто играа фудбал, а фаворизираните „гаучоси“ не успеаа да направат ниту една шанса со стерилната и безидејна игра, ама малото невнимание кон Лео Меси, му овозможи на предводникот на селекцијата да го скрши бункерот на „сомбреросите“ со прекрасниот гол од 18 метри во 64-та минута, а четири пред крајот младиот „резервист“ Енцо Фернандез, со уште поубав гол откосо од 16 метри стави печат на победата на Аргентина.

„Гаучосите“ сега со три бода се враќаат во трката за осминафиналето, па решавачки ќе им биде дуелот со Полска, која по победата над Саудиска Арабија со 2-0 е лидер со четири бода. Саудијците имаат три, а Мексико остана на еден пред меѓусебната пресметка, па многу калкулации има за двете места. За Аргентина, победа ќе значи сигурно прво место и избегнување на Франција уште во осминафиналната фаза.