Заврши истрагата за смртта на Жота, познати сите детали од несреќата
Со тоа ставена е точка на истрагата за една од најтрагичните несреќи во поновата фудбалска историја.
Несреќата се случи на 3 јули минатата година на автопатот А-52, во близина на Цернадиља, на северот од Шпанија. Автомобилот во кој се наоѓале браќата, при обид за претекнување излетал од патот, удрил во заштитната ограда и се запалил.
Според наодите од истрагата што ја водел судот, клучниот момент бил пукање на гума, по што возачот ја загубил контролата над возилото.
По детална анализа на сите докази, како и со помош на сообраќајни вештаци, судот утврдил дека нема основа за покренување кривична постапка. Сепак, на семејството му останува можноста да поведе граѓанска постапка.
Браќата патуваа кон Сантандер, од каде што планираа со траект да продолжат кон Обединетото Кралство. Жота требаше да им се приклучи на подготовките на Ливерпул за новата сезона. Истрагата покажала и дека во моментот на несреќата Жота управувал со автомобилот.
Само 11 дена пред трагедијата, во Порто, Жота се ожени со својата долгогодишна партнерка Руте Кардосо, што ја прави оваа несреќа уште потрагична.
Фото: EPA