„Затвореникот“ Алвеш си купува португалски клуб – за да игра во него!

Ослободениот од обвинението за силување, Дани Алвеш (42), би можел повторно да се врати на зелениот терен, откако е на чекор да стане мнозински акционер во португалскиот третолигаш Сао Жоао де Вер, а паралелно со тоа се разгледува и можноста да заигра за клубот во вториот дел од сезоната.

Тој е надвор од активниот фудбал од јануари 2023 година, кога беше обвинет и приведен во Шпанија поради сексуален напад. Судскиот процес резултираше со 14 месеци минати во затвор, но во март годинава Судот на Каталонија го ослободи од обвиненијата, иако обвинителството најави жалба до Врховниот суд. Според информациите, поранешниот бек сака активната кариера да ја заврши на терен, а не надвор од фудбалот. Планот е да потпише договор и да настапува од јануари до јуни, со што би го заокружил своето враќање во играчка улога.

Во меѓувреме, Алвеш повторно се најде во фокусот на јавноста откако беше забележан како проповеда во евангелска црква во околината на Жирона. Од ЕСПН наведуваат дека по излегувањето од затворот работел „зад кулисите“ во европскиот фудбал како агент, но со јасна намера повторно да заигра и потоа да започне тренерска едукација.

Сао Жоао де Вер моментно е деветтопласиран во групата А од Третата лига во Португалија и се наоѓа во зоната за плејоф за опстанок. Примарната цел на Алвеш би била да помогне клубот да избегне испаѓање, а доколку се отвори можност – и да се вклучи во трката за промоција, со оглед дека екипата заостанува седум бода зад Брага Б, која е на последната позиција што води во повисок ранг.

ФОТО: EPA PHOTO