Затоа се против СП на две години: Лигите и УЕФА ќе губат осум милијарди евра годишно!

Откако Светската фудбалска федерација (ФИФА) го претстави проектот „фудбал за иднината“ во кое централно место е одржување на Светското првенство на секои две години, вистинска војна избувна на релација Европа и Јужна Америка против светската организација, па допрва ќе кулминира целиот проект за кој има многу про, ама и многу контра ставови.

УЕФА (Европа) и КОНМЕБОЛ (Јужна Америка) објавија дека ако се истурка предлогот тие ќе го бојкотираат таквото Светско првенство, а бидејќи повеќе од една деценија во најважната споредна работа на светот сѐ се врти околу парите, причина за ова лежи токму во финансиите.

Според истражувањето што го направи една од најпознатите и најреномирани светски новински агенции „Ројтерс“, ако ФИФА воведе Мундијал на секои 24 месеци, тоа севкупно ќе ги чини УЕФА и европските национални федерации загуба од неверојатни осум милијарди евра по година. И сето тоа се должи на фактот што СП би го преземал приматот на најгледан настан, па кон себе би ги прибрал сите најголеми ТВ и спонзорски договори, на сметка на лигите и УЕФА, кои би загубиле од приходите кои сега ги имаат.

ФИФА за 20 декември закажа најголема глобална конференција за „фудбалот во иднината“ и СП на две години, кој најмногу лежи и во изготвувањето на новиот календар после 2024 година, па сега прашање е кој ќе победи во оваа битка, во која во преден план се парите, а многу аналитичари сметаат дека во основа е геополитичка борба за контрола на „убавата игра“, а со тоа и на огромниот тек на парите што се вртат во овој спорт.