„Утре го играме најважниот меч, а јас и понатаму ќе бидам – забар“

Исланд утре дебитира на Светските првенства во мечот со Аргентина, а оваа скандинавска земја е убедливо најмалата која воопшто учествувала на едно Светско првенство, па дуелот со поранешниот светски првак предводен од Лионел Меси е историски за оваа земја.

И без оглед што ќе се соочат со еден од големите фаворити за титулата, исландскиот селектор Хелмир Халгримсон воопшто не се потресува од фактот дека пред него се историските 90 минути.

„Имам обврска да разјаснам две работи за кои постојано ме прашуваат. Прво, да ова е најважниот меч во историјата на исландскиот фудбал. И второ, јас и по СП ќе си останам забар. Не гледам зашто да бидеме под стрес и под притисок. Ние нема што да загубиме“, вели Халгримсон.

Тој потенцира дека нема магична формула како да го сопре Лионел Меси, првата ѕвезда на Аргентинците.

„Немаме магична формула, сите сакаат да го сопрат Меси, ама тоа не оди баш од рака, затоа што Меси е најдобар на светот. Мора да играме како колектив и само така можеме до добар резултат. Мислам дека не е фер на еден играч да му натовариме обврска цел меч да го брка Меси. А, плус не зависи се од Меси, туку Аргентина има низа одлични играчи“, додаде исландскиот селектор.