Турција прва го крена гласот и побара исфрлање на Израел

Турција стана првата членка на УЕФА која јавно побара суспензија за Израел од меѓународниот фудбал и ја нарече ситуацијата во Газа „нехумана и неприфатлива“.

Претседателот на Фудбалскиот сојуз на Турција, Ибрахим Хаџиосманоглу испрати писмо до челниците на светскиот фудбал пред седницата на управниот одбор на УЕФА нааредната недела на која би можела да биде изгласана суспензија за Израел.

„Сега е време УЕФА и ФИФА да реагираат. И покрај тоа што се позиционираат како бранители на граѓанските вредности и мирот, спортскиот свет и фудбалските институции молчеа долго време“, стоело во писмото од Хаџиосманоглу.

Инаку, тој не е во одборот на УЕФА составен од 20 членови каде што се очекува да има повеќе гласови за исфрлање на Израел, секако ако дојде до гласање.

Американскиот Стејт департмент во четвртокот најави дека ќе работи на тоа да спречи било каков обид Израел да се исфрли од Светското првенство во 2026. Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино е близок со организаторите на Мундијалот и претседателот на САД, Доналд Трамп, па поради тоа не се очекува да поддржи суспензија на Израел.

Фото: UEFA/X