Трагедија: Во Боливија почина првиот фудбалер од Ковид-19

Жална вест ни пристигнува од Боливија, откако американските медиуми објавија дека починал првиот фудбалер заразен од коронавирус. Станува збор за дваесет и петгодишниот Деибер Франс Роман Гузман, кој играше за второлигашот Тринидад.

Трагедијата да биде уште поголема, од оваа сериозна болест битката ја загуби и неговиот татко Белизарио Роман, кој бил поранешен претседател на клубот, како и неговиот чичко Луис Кармело Роман, кој беше менаџер на Депортиво Перехик.

Сите тројца биле од градот Бени, кој е меѓу оние места што претрпеле најголеми последици од короната. Тие живееле во иста куќа со сопругата на Белизарио и двете ќерки, јавуваат светските медиуми.

Фудбалската асоцијација на Боливија се збогува со Гузман, кој со тоа стана првиот фудбалер во таа земја што подлегна на последиците од Ковид-19.

Градот Бени има 420.000 жители и повеќе од 1.200 заразени, а до сега 77 починаа.