Судот пресече: Рубиалес присилно ја бакнал Хермосо!

Поранешниот претседател на Фудбалската федерација на Шпанија, Луис Рубиалес е прогласен за виновен во случајот со бакнежот кон шпанската репрезентативка, Џени Хермосо.

Рубиалес ја бакна Хермосо при доделувањето на медалите откако ја совладаа Англија во Сиднеј и го освоија Светското првенство во 2023 година. Пред судот Рубиалес се бранеше тврдејќи дека се било во еуфорија и бакнежот бил знак за почит кон Хермосо за тоа што го сторила на теренот.

Сепак, судот не пресуди во негова корист и тој ќе мора да плати парична казна од 10.800 евра.

Исто така шпанскиот суд му забрани да комуницира со Хермосо, а нема да смее и да и се доближува во радиус од 200 метри.

Ќе потсетиме, поради притисокот од јавноста по случајот, Рубиалес беше принуден и да си поднесе оставка од функцијата, а подоцна доби суспензија и од ФИФА.