Стравични сцени од Колумбија: Навивачи ја „запалија“ трибината, мечот прекинат по 60 секунди (ВИДЕО)
Наместо фудбал, стадионот се претвори во вистинска воена зона. Бесните домашни навивачи, револтирани од лошата сезона и елиминацијата на клубот од домашното првенство, започнаа жестоки протести уште пред стартот. Иако локалните власти поставиле дури девет безбедносни кордони за да спречат внесување пиротехника, планот целосно пропаднал.
Хаосот почнал веднаш по почетокот на мечот – факели летале кон теренот, трибините биле запалени, а пожарникарите безуспешно се обидувале да ги локализираат пожарите низ стадионот. Судијата по само 60 секунди ги испратил екипите во соблекувална. Фламенго веднаш одбил да продолжи со натпреварот, наведувајќи дека условите не се безбедни.
Потоа следувал нов хаос. Планот бил стадионот да се испразни и мечот да продолжи без публика, но навивачите формирале „жив ѕид“ и влегле во директен судир со полицијата. Во еден момент постоела и опасност од стампедо, по што полицијата се повлекла, а стадионот целосно потонал во анархија. Сега конечниот збор ќе го има КОНМЕБОЛ, но според најавите, Фламенго речиси сигурно ќе ги добие бодовите службено. За Индепендиенте, пак, можно е да следуваат и дополнителни жестоки казни.