Српскиот менаџер купувал судии, ама купувал и оценки по медиумите

Српскиот менаџер Дејан Велјковиќ, кој вчера беше уапсен во Белгија во големата афера со наместени мечеви, мито, корупција и перење пари, која се прошири и до Македонија, купувал судии и новинари за добри оценки во медиумите, објави федералното обвинителство на Белгија.

Велјковиќ е еден од главните осомничени заедно со најпознатиот менаџер од Белгија, Моги Бајат во големата афера во која досега се уапсени 22 лица, мешу нив и судии, адвокати, луѓе од низа клубови. Аферата која ја потресе Белгија, се прошири и во Франција, Луксембург, Кипар, Србија, Црна Гора и Македонија, а нашето јавно обвинителство вчера објави дека е поведена истрага на барање на меѓународна помош од другите институции за аферата.

Според информациите од белгиското обвинителство, Велјковиќ со нелегални работи „владеел“ со белгискиот фудбал, а се со цел да го спаси својот омилен клуб Мехелен да испадне.

Така бил многу блиску соработувал со судиите Себастијан Делфереро и Барт Валентен, кои исто така се предмет на истрага. На Делфереро дури му спонзорирал отворање на фудбалска академија, му плаќал патувања. Врбувал и новинари за во извештаите да пишуваат добри оценки на неговите клиенти, а на еден од новинарите дури му средувал и попуст за купување на автомобил во еден салон, што било потврдено од автокуќата.

Вториот судија, Валентен, пак, бил крвник на сите противници на Мехелен и постојано судел за клубот на Велјковиќ.

Инаку во Србија вчера во рациите во соработка со оваа афера, биле запленети 800.000 евра, пари за кои се сомневаат властите дека се пари кои требало да се исперат и се пари од нелегални трансфери. Најверојатно тоа се пари на Вељковиќ.

Белгиското обвинителство објави дека истрагата почнала по сомнителни финансиски трансакции и дека со „црни пари“ потоа се финансирале криминални активности во белгискиот фудбал.