Сите им се смеат на „аѕурите“: Италија предвреме си резервирала хотел во Русија!?

Трагедијата на фудбалска Италија, која по 60 години првпат нема да игра на Светско првенство доби нов чин на кој фудбалската јавност фаќа сеир, затоа што „аѕурите“ однапред го имале испланирано патот на Мундијалот во Русија. Впрочем, тие предвреме си резервирале база каде што ќе претстојуваат за едномесечниот фудбалски фестива.

Фудбалската федерација на Италија (ФИГЦ) уште пред баражот резервирала хотел каде требало да бидат сместени играчите и стручниот штаб. На Апенините никој не се ни надевал дека фудбалската селекција ќе остане без настап на СП. Биле убедени во пласман.

Ова го објавила данската телевизија ТВ2, која рече дека мала делегација на нивниот сојуз итно ќе замине во Русија за да се увери во квалитетите на несудениот хотел на „аѕурите“ и да ја преземе првичната резервација на Италијанците.

„Големите земји на големите натпреварувања мора да водат сметка за сите детали. Затоа мора да видиме што ќе правиме и дали ќе имаме корист од тоа. Постои голема разлика од тоа што го сакаат Италијанците и Данците. Но, ако ни се понуди поевтина варијанта, зошто да не го земеме хотелот и да ја преземеме нивната резервација“, вели Клаус Бретон Мејер, претседателот на сојузот на Данска.

Италија сега ќе мора да плати за откажување на резервацијата, затоа што хотелите сигурно се заштитени со клаузула пред да ја почнат работата. Сега „аѕурите“ ќе треба двојно да платат, а патем загубија 15 милиони долари што не се пласираа на СП (тоа е бонусот што го дава ФИФА за учество).