Северна Кореја и дефинитивно потврди дека се откажува од мундијалските квалификации

Северна Кореја и дефинитивно се откажа од мундијалските квалификации, иако Азиската конфедерација (АФЦ) се надеваше дека може да се смени првичната одлука, па континененталната централа денеска и официјално го потврди откажувањето на севернокорејците.

Северна Кореја пред повеќе од две недели испрати писмо до АФЦ дека се откажува од понатамошниот тек на квалификациите за СП во Катар догодина, откако претходно се откажаа и од настап на ЛОИ во Токио, поради загриженост за корона-кризата.

„Азиската конфедерација денеска официјално потврдува дека Северна Кореја се откажа од азиските мундијалски квалификации за СП во Катар во 2022 година“, објави АФЦ.

Официјално причини за откажувањето нема, но медиумите од претходно објавија дека Пјонгјанг е загрижен од ковид-19 и дека не сака да ризикува со настапите на своите спортисти, некој да го донесе вирусот во земјата.

АФЦ од претходно објави дека квалификациите ќе се доиграат во „балони“ во неколку земји, откако квалификациите поради заразата неколкупати беа одложувани, а С. Кореја беше четврта со ист број на бодови како и Јужна Кореја, а бод зад Туркменистан кој е лидер по три кола и со шанси да стигнат до СП, но тие сега се откажаа од евентуален пласман.

Бидејќи овие квалификации, истовремено се и квалификации за Азискиот Куп во Кина во 2023 година, Северна Кореја ќе го пропушти и континенталниот шампионат со ова откажување.