Првата револуција на Венгер во фудбалот: ЕП и СП наскоро на секои – две години?!

Француската тренерска легенда Арсен Венгер, кој две децении мина на кормилото на лондонски Арсенал, од пред две години е прв човек за фудбалски развој во Светската фудбалска федерација (ФИФА), па тој најави дека наскоро светската организација ќе воведе револуционерни промени меѓу кои и за Европското и Светското првенство.

Венгер е донесен за да се направат промените со кои фудбалската игра би била поинтересна, па веќе во план се промени во правилата околу изведување на аути со нога (во завршните 15 минути од мечот), реформи на правилото за игра со рака во шеснаесетник, за правилото за офсајд во ситуациите кога милиметри решаваат со ВАР... Но, покрај нив, во план е ЕП и СП во иднина да се играат на секои – две години.

Многумина не ја сфаќаат поентата како со голем настан на секои две години би се намалил бројот на мечеви во ептен згуснат календар, но Венгер има поинакво мислење, а за „Ле Паризиен“ ова го најави како еден од клучните делови во реформите во светскиот фудбал.

„Допингот и корупцијата се најголем проблем на фудбалот денеска, но и преголемиот број на мечеви кои се тесно поврзани со здравствените ризици на фудбалерите. Тоа бара сериозно размислување како да се смени календарот на натпреварување. Дали е разумно во ера на глобално затоплување, а треба да бидеме одговорни кон екологијата, треба да се зголемат бројот на меѓународни патувања? Дали е тоа во склад со еволуцијата? Едно од решенијата е ЕП и СП да се играат на секои две години, а во тек на тој период да се прекинат сите други натпреварувања. Спротивно на тоа што се говори е дека вакво нешто ќе им наштети на овие натпреварувања. Па ЛШ се игра секоја година и многу е престижна. Луѓето сакаат да гледаат престижни натпреварувања“, вели Венгер.

Но, во ек кога УЕФА планира да го зболеми учеството на клубови во ЛШ и со тоа да добие повеќе мечеви за да ги зголеми проходите, кога лигите не сакаат намалување на бројот на тимови во елитните дивизии, а УЕФА и ФИФА ги зголемија бројот на учесници на големите натпреварувања (на ЕП сега играат 24 селекции, а на СП од 2026 ќе бидат 48 – н.з.), прашање е како со репрезентативни турнири на секои две години би се разводнил згуснатиот календар.