Познати се „шеширите“ за СП: Германија, Хрватска, Данска, Србија - група на смртта! (ФОТО)

Квалитативните „шешири“ за Светското првенство во Русија се официјално дефинирани и веќе може да се почне со комбинациите и проекциите за посакувани групи.

Медиумите од соседството веќе си составуваат можни најлесни или најтешки или, пак, најатрактивни групи. Хрватите скокнаа во вториот „шешир“ поради елиминацијата на Италија, а Србија, пак, немаше среќа Нов Зеланд да го турне Перу, па си остана во последниот шешир.

Оттаму не може да се надева на некоја лесна група, иако судбината може да најде начини и за тоа. На пример, од првиот шешир, веројатно, секој би ја посакал Полска или, пак, Русија, која, да не беше домаќин, секако немаше да биде носител.

Од вториот тешко на тој што ќе ги добие Шпанија, Хрватска или, пак Англија и Уругвај, но затоа полесно би поминале со Перу. Данска и Шведска сигурно ќе бидат незгодните изненадувања од третиот шешир, а никој не смее да го потцени еден Египет, но затоа лесен залак би требало да бидат Костарика и Иран.

Србија е „змијата“ во четвртото ниво репрезентации, можеби Нигерија и Австралија би собрале некој поен, но затоа за класични аутсајдери важат Саудиска Арабија, Панама...

Оттука може да си конструираме група на смртта која би изгледала Германија, Хрватска, Данска, Србија. Впрочем секоја група со Хрватска и Србија, би „фрлала искри“, особено ако е зачинета со една Аргентина на Лионел Меси, Португалија на Кристијано Роналдо или, пак, непредвидливите Сенегал со Садио Мане или Египет со Мохамед Салах. Секако, фановите можат да бидат разочарани и да добијат група како Русија, Перу, Иран и Панама.

Сите овие комбинации ќе траат до 1 декември, кога во Москва ќе бидат извлечени групите.