Почина аргентинскиот „Лудак“ - тврдеше дека е најдобар голман на сите времиња!

Аргентинскиот фудбал се збогува со една од своите најхаризматични фигури – Уго Орландо Гати, легендарниот голман познат под прекарот „Ел Локо“ („Лудак“), кој почина на Велигден во Буенос Аирес на 81-годишна возраст.

Идол на навивачите на Бока Јуниорс и иноватор во голманскиот стил, Гати зад себе остави длабока трага во историјата на јужноамериканскиот фудбал. Тој беше хоспитализиран два месеци по сериозна несреќа – го скрши колкот додека го шетал кучето, а потоа во болница разви пневмонија, што доведе до откажување на бубрезите и срцето. Познат по својот неконвенционален стил, Гати не се потпираше само на рефлексите, туку и на извонредно читање на играта. Често излегуваше далеку од својот шеснаесетник, делувајќи како последен играч во одбраната, па дури и како креатор на напади. Со својата смелост и технички вештини, заслужено го доби епитетот „голман-играч“. За себе тврдеше дека е најдобар светски голман на сите времиња.

Во кариерата одбрани дури 26 пенали во аргентинската Примера, дели рекорд со Убалдо Фиљол и играше до 44-годишна возраст, со рекордни 765 настапи во првата лига (вкупно 817 официјални натпревари). Роден на 19 август 1944 во Карлос Теједор, Гати дебитираше за Атланта во 1962 година. Подоцна премина во Ривер Плејт, каде се бореше за прв голман со легендата Амадео Карисо. Потоа настапуваше за Гимнасија Ла Плата и Унион Санта Фе, пред во 1976 година да премине во Бока Јуниорс – клуб со кој ја испиша најславната страница од својата кариера.

Со Бока освои две титули во 1976, потоа и првата Копа Либертадорес во 1977, бранејќи решавачки пенал во финалето против Крузеиро. Истата година го освои и Интерконтиненталниот куп против Борусија Менхенгладбах. Во 1978 повторно ја освои Либертадорес, а во 1981 – и домашната титула со тим во кој настапуваше и младиот Диего Марадона, со кого е и една од најпознатите анегдоти поврзани со Гати. Во 1980 година, пред дуелот меѓу Бока и Аргентинос Јуниорс, Гати го нарече Марадона „дебелко“ и рече дека е преценет – на што Диего одговори со четири гола. И покрај тоа, подоцна станаа соиграчи и пријатели.

Гати одигра 18 натпревари за Аргентина меѓу 1967 и 1977 година, но не доби шанса на Мундијалот во 1978. Сепак, беше дел од генерацијата во која дебитираше Марадона. Во 1982 година беше прогласен за аргентински фудбалер на годината, а ИФФХС го вброи меѓу најдобрите тројца голмани во историјата на аргентинскиот фудбал.