Од играчка - плачка: Го имитираа Борат на трибините во ЛШ, завршија во затвор (ФОТО)

Судот во Казахстан осуди тројца навивачи од Белгија на затворска казна поради тоа што се маскирале во измислениот филмски лик Борат за време на натпреварот од Лигата на шампионите во оваа средноазиска земја.

Видео емитувано на казахстанската телевизија прикажа тројца навивачи облечени во костим препознатлив за филмскиот лик, а инцидентот се случил за време на вчерашниот дуел помеѓу Кајрат и Клуб Бриж. 

Судот во главниот град Астана соопшти дека тројцата белгиски државјани, идентификувани само со иницијали, се осудени на пет дена затвор поради нарушување на јавниот ред и мир.

„Додека биле под дејство на алкохол на трибините на стадионот Астана Арена, лицата С., Д. и Н. ја соблекле облеката, останувајќи во долна облека и скандирале со цел да привлечат внимание, со што го нарушиле јавниот ред“, соопшти судот.

Тројцата навивачи биле извлечени од публиката и веднаш одведени во полициска станица, потврдил нивниот пријател Матје, кој бил сведок на инцидентот.

„Го направија тоа од забава, но полицијата го сфати како навреда“, изјавил тој за локалните медиуми.