Рубин Стефанов се врати во Македонија – ќе го спасува Ангели од испаѓање!

Екипата на Ангели доби огромно засилување во пресрет на продолжението од Суперлигата, откако во своите редови го донесе младиот македонски репрезентативец Рубин Стефанов.

Само два дена пред продолжувањето на првенството, тимот од Драчево ја засили конкуренцијата со еден од најталентираните домашни кошаркари, кој во Македонија се враќа по двегодишен престој во Италија. Стефанов таму настапуваше за Унибаскет Ланчано, каде остави одличен впечаток и беше најдобар стрелец во У19 лигата, пред да донесе одлука вториот дел од сезоната да го одигра во татковината.

Наследникот на Врбица Стефанов, иако има само 20 години, зад себе веќе има богато меѓународно искуство. Роден во Сиена, своите кошаркарски темели ги постави во младинската школа на МЗТ Скопје, со кој беше шампион на Македонија, по што продолжи да се развива низ повеќе италијански клубови. Дел од својот кошаркарски пат го мина и во системот на Анадолу Ефес, што дополнително зборува за неговиот потенцијал.

Враќањето во Ангели не е непозната средина за Стефанов, кој и во минатото го носеше дресот на овој клуб. Сега, во тимот предводен од Игор Гацов, ќе има важна улога во борбата за суперлигашки опстанок и се очекува да биде еден од клучните адути во продолжението од сезоната.