Навивач се обиде да поткупи судија среде меч од МЛС - додека гледаше ВАР (ВИДЕО)

Натпреварот меѓу Сент Луис и Спортинг Канзас Сити (3-2) во американската МЛС понуди не само пет гола и драматична завршница, туку и сцена што експресно стана хит на социјалните мрежи.

Додека главниот судија Ален Чепмен ја прегледуваше ВАР-снимката покрај теренот, млад навивач на Сент Луис застана зад мониторот и почна да мавта со банкнота пред него, алудирајќи дека сака да му понуди „мито“ за да донесе одлука во корист на домашниот тим. Арбитерот за момент погледна кон трибината, но остана целосно смирен и продолжи со проверката, без да обрне поголемо внимание на провокацијата.

Камерите ја уловија целата ситуација, а видеото за кратко време стана вирално и предизвика илјадници коментари, бидејќи повеќето го сфатија потегот на навивачот како шега. На крајот, ВАР-проверката резултираше со пенал за Сент Луис, кој Едвард Левен го претвори во победнички гол. Претходно за домашниот тим погодија Јонг Санг-Бин и Марсел Хартел.