Најдобриот фудбалер во МЛС се повлече од играње поради коронавирусот

Лос Анџелес ФЦ објави офцијално соопштение дека нивниот најдобар фудбалер Карлос Вела и актуелен МВП во лигата од минатата сезона нема да биде дел од тимот при рестартот на сезоната во МЛС-лигата во Орландо, Флорида.

Мексиканецот одлучил да не игра поради коронавирусот. Тој сака да остане со своето семејство во страв да не се зарази со опасниот вирус, кој се шири со голема брзина низ САД.

„Не сакам ништо повеќе од тоа да бидам со моите соиграчи во Орландо. Меѓутоа во најдобар интерес за здравјето за моето семејство е да останам дома и да бидам со мојата сопруга за време на нејзината ризична бременост“, изјави Вела, кој минатата сезона постигна 34 голови за ЛА ФЦ.

МЛС-лигата им даде опција на сите фудбалери да можат да се повлечат од играње од семејни и здравствени причини. Целиот рестарт на лигата во Орландо е изместен со оглед на фактот дека од натпреварувањето се повчеле тимот на Далас.

Во овој тим дури 10 фудбалери беа позитивни на ковид-19 и еден тренер, а клубот изминатата недела беше во карантин во Орландо, поточно Дизниленд. Во последните 10 дена дури 13 фудбалери од МЛС-лигата беа позитивни на вирусот.