На Кафу сè уште не му се верува дека Македонија ја спречи Италија да игра на СП 2022

Легендарниот бразилски десен бек Кафу, светски првак со Бразил во 1994 и 2002 година и осум месеци после македонското чудо во Палермо, сè уште не може да поверува дека четирикратниот светски првак и актуелен европски владетел не игра на Светското првенство во Катар.

Италија испадна во мундијалскиот бараж во Палермо во март годинава откако Александар Трајковски со бомба во 93-та минута го шокираше светот, пораз кој уште многу долго ќе ги пече и ќе ги боли „аѕурите“, зашто ова им е втор Мундијал на кој не играат, зашто го прескокнаа и тој во Русија откако не го минаа баражот.

„Не можев да верувам дека Италија испадна од Македонија. И не ми се верува сè уште. Тешко е да се поверува тоа, особено и фактот дека веќе второ Светско првенство се игра без Италија“, вели Кафу.

Тој посочи дека за да се стане светски првак не може само со напад, туку со тактичка и цврста дефанзива.

„Без добра одбрана не се станува светски првак. Вие може да дадете пет гола, ама со лоша одбрана – ќе примите шест. Во Италија најмногу се учи за тактика и дефанзива“, додаде Кафу.