Мундијалот во сенка на нов скандал: Северна Кореја обвинета за пиратски преноси

Додека милиони љубители на фудбалот ширум светот го следат Светското фудбалско првенство, вниманието го привлече и една необична приказна надвор од терените.

Северна Кореја повторно се соочува со обвинувања дека натпреварите од Мундијалот ги прикажува без официјално обезбедени телевизиски права. Според извештаи на јужнокорејски медиуми, државната телевизија КЦТВ емитувала снимки од натпреварите на Светското првенство, иако наводно не поседува лиценца за нивно прикажување. Се претпоставува дека сигналот се презема од странски телевизиски мрежи, најчесто од соседните земји, а потоа се адаптира за домашната публика.

На социјалните мрежи се појавија видеа на кои може да се забележат натпревари со графики и натписи прилагодени на севернокорејскиот стил на известување. Тоа дополнително ги засили сомнежите дека содржината не се емитува како оригинален странски пренос, туку како програма обработена од државната телевизија.

Ова не е првпат Северна Кореја да биде поврзана со вакви практики. Во минатото, големите спортски настани често беа емитувани со значително задоцнување, понекогаш и неколку дена по нивното одигрување. Дополнително, натпреварите знаеле да бидат скратени, а оригиналните графики и телевизиски ознаки заменети со локални верзии.

Изборот на натпревари исто така често бил предмет на уредувачка политика. Во одредени случаи биле избегнувани мечеви во кои настапуваат јужнокорејски фудбалери или самата репрезентација на Јужна Кореја. Најголемо изненадување овојпат предизвикаа рекламите што наводно биле видливи за време на емитувањето. На снимките можеле да се забележат реклами на познати американски брендови што, со оглед на долгогодишната антиамериканска реторика на севернокорејскиот режим, предизвика бројни реакции и коментари. Токму спортските преноси, кои е тешко целосно да се контролираат, понекогаш носат содржини од глобалниот свет до гледачите во една од најзатворените држави на планетата.

До овој момент нема официјален коментар ниту од ФИФА ниту од властите во Пјонгјанг. Доколку се потврди дека натпреварите навистина биле емитувани без дозвола од носителите на правата, случајот би можел да отвори нови прашања околу заштитата на авторските и телевизиските права. Без разлика на правниот аспект, приказната уште еднаш покажува дека фудбалот има моќ да стигне и до најзатворените општества. Дури и таму каде што информациите се под строга контрола, магијата на Светското првенство очигледно наоѓа начин да допре до публиката.