Моќната Франција го урна Ирак во маратонски меч кој траеше - четири часа! (ВИДЕО)
Прогнозите на синоптичарите се остварија, па поради невремето и ригорозните безбедносни правила во САД, овој фудбалски настан прерасна во четиричасовен маратон.
Водството за „триколорите“ го донесе Мбапе, кој доби одлична топка од Олисе на работ од шеснаесетникот и со неодбранлив удар стрелаше за 1-0.
По крајот на првите 45 минути, судијата мораше да го прекине мечот поради грмежите. Американските прописи се строги и налагаат стопирање на играта доколку се забележат грмотевици во радиус од 13 километри од стадионот.
Фудбалерите беа испратени во соблекувалните, а публиката на трибините доби инструкции да се повлече на безбедни локации.
Според правилата, потребно е да изминат точно 30 минути без нов удар на гром за натпреварот да продолжи, а секое следно електрично празнење значи броење од почеток. По серијата одложувања и двочасовното чекање, временските услови се подобрија, па играчите се вратија на теренот.
Набрзо по стартот на второто полувреме, по само девет минути игра, Мбапе повторно беше прецизен и зголеми на 2-0, овој пат по одлично проигрување од Дембеле.
Околу десет минути подоцна, улогата на стрелец ја презеде токму Дембеле, кој ја потврди доминацијата на теренот и ги постави конечните 3-0.
Со овој триумф Французите го заверија пласманот во нокаут фазата од Светското првенство.