Два гола на Халанд за триумф над Сенегал, Алжир со пресврт до бодови против Јордан (ВИДЕО)

Во ефикасна пресметка со пет погодоци, Норвешка славеше над Сенегал со 3-2, при што блескаше Ерлинг Халанд со два гола, додека Алжир благодарение на одличното второ полувреме направи целосен пресврт и впиша триумф над Јордан од 2-1.

Скандинавската селекција дојде во водство во 43. минута преку Педерсен, што воедно се покажа како единствен гол во првите 45 минути од натпреварот.

Само три минути по стартот на вториот дел, Халанд ја дуплираше предноста на 2-0, но Сенегалците брзо одговорија и по пет минути намалија на 2-1 преку Сар.

Радоста на африканската репрезентација траеше кратко, бидејќи веќе во 58. минута немилосрдниот Халанд повторно стрелаше, враќајќи ја сигурната предност од два гола за Норвешка (3-1).

Конечниот резултат од 3-2 беше поставен длабоко во судиското надополнување, кога Сар го запиша својот втор погодок на средбата.

На вториот меч, Алжир влезе како апсолутен фаворит против Јордан, но мораше добро да се испоти за да стигне до посакуваните бодови.

Аутсајдерот Јордан изненадувачки поведе во 36. минута со голот на Ал Рашдан, резултат со кој двете екипи заминаа на пауза.

Отпорот на Јорданците беше скршен дури во 69. минута кога Бенбоали донесе израмнување на 1-1, додека победничкиот гол за комплетен пресврт и триумф на Алжирците беше дело на Гуири во 82. минута.