Мамиќ од БиХ Му порача на Модриќ: Вечерва во Париз треба да ми се – заблагодариш!

Контроверзниот хрватски бизнисмен Здравко Мамиќ, кој е во бегство во БиХ по неправосилната пресуда за шест ипол години затвор поради корупција и финансиски малверзации со трансфери на играчи од Динамо Загреб, му порача на најдобриот хрватски фудбалер Лука Модриќ дека вечерва во Париз треба да му се заблагодари.

Мамиќ е еден од најзаслужните за развојот на кариерата на Модриќ, кого го донесе во Загреб и преку Динамо го продаде во Тотнем во 2008 година за 20-на милиони евра, што е втор најголем трансфер на загрепчани во историјата. Модриќ подоцна замина во Реал Мадрид, а таму освои четири европски титули, летово стигна до финале на СП и сега е главен фаворит за „златната топка“.

Според сите најави Модриќ вечерва ќе ја прекине децениската ера на Лионел Меси и Кристијано Роналдо, кои во последните 10 години освоија по пет „златни топки“, а Хрватот ќе стане прв фудбалер од регионов и бивша Југославија, кој успеал да ја освои оваа престижна награда.

„Кога Лука Мордиќ ќе ја добие наградата во Париз, треба да каже му се заблагодарувам на семејството, родителите и човекот кој направи најмногу за мојот развој. Заслужив да ми се каже: 'ти благодарам чудотворецу на ова чудо од хрватскиот фудбал'“, вели Мамиќ.

„Златната топка“ денеска во 21 часот ќе му биде доделена на најдобриот светски фудбалер на церемонија во француската престолнина. Наградата ја доделува најугледниот магазин „Франс Фудбал“ и оваа награда е најстара и се доделува од 1956 година.