Македонецот кој не знае да загуби ќе брка олимписко злато во Токио!

Македонија нема тим ни во машка, ни во женска конкуренција на фудбалскиот олимписки турнир на претстојните Летни Олимписки игри во Токио, кои стартуваат во петок, ама има тренер кој може да освои злато, во селекторот на женската селекција на САД, Влатко Андоновски, човекот кој засега нема пораз со Американките откако пред две години седна на кормилото на најтрофејната селекција во женска конкуренција.

Андоновски пред две години го презема женскиот тим на САД, пандемијата малку ги поремети сметките, но после рестартот на фудбалот САД како по обичај гази, но ЛОИ во Токио се првиот најголем испит за популарниот Шате, кој е исклучително обожуван од фудбалерките.

Тренерот „кој не може да загуби“ е насловот на угледниот „Њујорк Тајмс“ во претставувањето на Македонецот во пресрет на ЛОИ, а дека не смее да се загуби научи уште како дете во младинско-пионерската школа на Вардар, чиј член беше долги години, пред да влезе во професионалниот фудбал, а потоа преку футсалот во САД, да почне тренерска кариера во женска конкуренција и да стигне до најпрестижното место како предводник на најтрофејната нација.

Угледниот весник од Њујорк посвети текст за Андоновски и ви го пренесуваме во целост.

Влатко Андоновски беше деветгодишно дете, кога научи дека пораз не се прифаќа. Во пионерите на Вардар го научи тоа многу рано. Андоновски (44) израсна во фудбалско семејство, во престолнината на Македонија, а откако се приклучи на академијата на најголемиот и најпопуларен клуб во земјата, во 1985 година, влогот беше зголемен. Во Вардар доаѓаа најталентираните деца од цела Македонија, а самата конкуренција во тимот беше исклучително силна. Да бидете прифатен таму е само почеток. Оттаму, талентите мораа да си го чуваат местото и да го заработат, практично секој ден.

„Да загубиш два меча на 12 години, повеќе не си дел од тимот. Просто е. Нема мама, тато... Или играш добро или си во аут“, вели Дино делевски, соиграч од младинците на Вардар на Андоновски и близок пријател со кој дојде во САД.

Една деценија помина Андоновски во вардаровата Академија. Тој не ги памети сите победи, ама ги памети сите порази. И вкупно беа – два!

„Една работа е да победите, а сосема друга работа е да сте најдобар долго време“, вели Андоновски.

Тоа беше како гледиште и основа за совршен тренинг сега со моменталната работа како тренер на женската селекција на САД. Освен што сега не е дозволено да загуби воопшто ниту еднаш.

Кристи Мевис една деценија го познава Андоновски, а вели имала неколку разговори со него, кои прво ги опишала „како не многу брутални“, ама тоа е кога знаеш дека биле навистина брутални.

Беки Соербрн, репрезентативката која Андоновски најдобро ја знае, вели дека селекторот станал „потежок“ откако првпат ја тренирал во 2013 година.

„На почетокот тој беше толку подготвен да даде, а фудбалерките да не возвратат со иста мерка, а тој ќе продолжи да дава повеќе, и повеќе, и уште повеќе... Ама, сега, тој ќе бара сите ние да вовратиме на највисоко ниво“, вели Соербрн.

Андоновски е подготвен да се справи со секој предизвик, а знае дека фудбалерките не треба да ги учи како да победуваат, туку како да бидат уште подобри. Знае и дека не треба дополнително да наметнува конкуренција, ама и во таков хипер-компетативно опкружување, Карли Лојд ја нарече таа битка како нешто удобно, зашто некој секогаш ќе ја подигне летвичката погоре и ќе бара уште повеќе и уште подобро.

„Јас го правам тоа за да не ги повредам, а го правам за да им помогнам“, вели Андоновски.

Работата на Андоновски доаѓа со преголеми очекувања откако ја наследи легендарната Џил Елис, а тој дојде пред 21 месец и пред него е целта да освојува трофеи, да победува и ниту еднаш да не загуби. Скорот му е 22 победи и реми, нема пораз засега.

„Јас знам во што се впуштив“, потенцира Андоновски.

До пандемијата сѐ одеше извонредно, беше победена Јапонија, тимот изгледаше подготвен за олимпиското злато. Но, дојде коронавирусот, а Андоновски својата енергија не можеше да ја пренесе на теренот, па од својот дом во Канзас мораше виртуелно да работи со тимот, наместо со камп и мечеви.

Подготовката што ја направи има приказна и ќе ја видиме веќе во среда, кога САД со непоразениот Андоновски ќе тргне на олимпискиот турнир против Шведска на стадионот во Токио. А, тимот е дојден со голема форма и со улога на голем фаворит.

За очекувањата, самиот Андоновски е свесен – сѐ освен златен медал ќе биде неуспех!

На некој начин олимпискиот женски турнир е посилен од Мундијалот. Нема лесен противник, тимовите се помали, мечевите се брзи и бесни. Дел од фудбалерките веќе го минале ова, некои од нив имаат златни медали, но и болни лузни. Андоновски нема.

И сето ова делумно ја објаснува неговата посветеност.

„Тие се борци, тие се големи борци, такви се и тие секогаш напредуваат во битките“, посочува Андоновски.

Во следните недели, на Андоновски ќе му требаат тие борци, а и тие борци имаат потреба од него. На крајот на краиштата, пораз не е опција за никој од нив!

Успее ли Андоновски да дојде до целта, а тоа е олимписко злато од ЛОИ во Токио, ќе влезе во историјата на американскиот фудбал, ама и на македонскиот, зашто ќе биде прв тренер кој успеал да стигне до златен медал на фудбалски олимписки турнир.