Лука Дончиќ стана заштитен знак на Светско првенство - ама не во кошарка!

Словенечкиот кошаркар, Лука Дончиќ, ќе биде официјален амбасадор на Светското првенство во фудбал 2026 година, чиј домаќин ќе бидат САД, Мексико и Канада.

Дел од натпреварите на Мундијалот ќе се играат токму во Лос Анџелес, каде што настапува тој како една од двете најголеми ѕвезди на ЛА Лејкерс.

„Горд сум што ќе бидам амбасадор за Мундијалот 2026 во Лос Анџелес“, изјави 26-годишниот играч на „езерџиите“.

Тој истакна дека Светското првенство е „најголемиот спортски настан на планетата“ и дека со нетрпение го очекува.

„Отсекогаш сум гледал фудбал, уште од дете. И денес го следам, тоа е дел од мојот живот“, рече словенечкиот ас.

Тој додаде дека Лос Анџелес е совршен избор за домаќин на натпреварите.

„Овој град има огромна култура, а фудбалот станува сè попопуларен во САД, особено тука. Светското првенство ги обединува луѓето и инспирира – не само децата, туку сите. Навистина сум возбуден што ќе бидам дел од тоа“, порача Дончиќ.

Словенечкиот кошаркар ќе се придружи на легендарниот Меџик Џонсон, кој веќе е назначен за амбасадор на Мундијалот 2026 во Лос Анџелес. Првенството ќе се одржи следното лето во 16 града во трите земји-домаќини – САД, Мексико и Канада.