Лоренцо Инсиње ќе игра повторно во Италија!

Поранешниот капитен на Наполи и долгогодишен италијански репрезентативец Лоренцо Инсиње кариерата ќе ја продолжи во Сампдорија, откако пропадна можноста за изненадувачки трансфер во грчки Ираклис.

Иако изминатите денови голем број медиуми пишуваа дека Инсиње е многу блиску до преселба во Грција, зделката на крајот не беше реализирана. Причината се финансиските услови околу кои двете страни не успеале да постигнат договор.

Според информациите од извори блиски до преговорите, Ираклис водел сериозни разговори со 34-годишниот офанзивец, кој бил заинтересиран за преселба во Солун.

Голема улога во неговата одлука воопшто да ја разгледа понудата на Ираклис имал тренерот Валтер Мацари. Искусниот италијански стручњак е еден од тренерите со кои Инсиње имаше одлична соработка во текот на кариерата, па можноста за нивно повторно обединување била важен адут на грчкиот клуб.

Искусниот крилен напаѓач не чекал долго за нова опција. Инсиње ја прифатил понудата на Сампдорија, клуб кој има амбиција што поскоро да се врати на старите патеки на успехот и повторно да биде дел од врвот на италијанскиот фудбал.

За Инсиње ова ќе биде враќање во италијанскиот фудбал по епизодата во Северна Америка. Да потсетиме, во летото 2022 година тој го напушти Наполи како слободен агент и потпиша за Торонто каде беше едно од најзвучните имиња во МЛС-лигата.