Легендата на Атлетик Билбао објави: Заминува во пензија!

Капитенот на Атлетик Билбао Оскар Де Маркос соопшти дека на крајот од сезоната ќе ја заврши кариерата.

Одлуката Де Маркос денеска ја соопшти на соиграчите, а како причина ја наведе желбата да се фокусира на целите на својот тим за оваа сезона објави клубот од Баскија.

Во неделата Де Маркос се изедначи со Икер Мунаин на второто место на листата фудбалери со најмногу настапи за клубот од Билбао (560). Сепак, рекордер по бројот на настапи е Хозе Анхел Ирибар кој за Аатлетик во периодот од 1962 до 1980 година собра 614 настапи.

Дебито за Атлетик Де Маркос го имаше во 2009 година, а со овој клуб успеа да го освои Суперкупот на Шпанија во 2015 и 2021 година, како и Купот на кралот во 2024 година, додека во сезоната 2011/2012 играше финале во Лигата на Европа.

Сезонава Атлетик е четврти на табелата во Ла Лига со шест бодови помалку од Барселона која е лидер во Ла Лига. Баскијците се дел и од Лигата на Европа каде што се пласираа во осминафиналето.