Куќата на Марадона каде порасна прогласена за – национален споменик!

Куќата во која порасна Диего Армандо Марадона, аргентинската легенда и еден од најдобрите фудбалери на сите времиња, кој пред неполна година трагично почина на 60-годишна возраст е прогласена за национален споменик од Владата на Аргентина.

Во пресрет на годишницата од смртта на најголемиот игол на Аргентинците, Владата донесе одлука да ја прогласи малата куќа за „национално богатство“, која е сместена во квартот Вила Фиореито, предградие на Буенос Аирес.

Станува збор за едноставна куќа која сега има голем мурал на Марадона, а легендарниот фудбалер никогаш не криел дека потекнува од сиромашно семејство и од сиромашен кварт, каде ги започна првите фудбалски чекори, а потоа преку Аргентинос јуниорс, Бока јуниорс, Барселона и Наполи стигна до ѕвездите, водејќи ја Аргентина и до светската титула во 1986 година.

„Тука почнав да сонувам“, велеше Марадона за животот во Вила Фиорето во многуте документарци за неговиот живот и кариера.

Диего почина на 25 ноември лани, само еден месец после операција на хематом на главата, а јавното обвинителство веќе цела година го истражува случајот и осомничени се 20-на лица.