Кој е тука слеп? Стадионите во Катар полупразни, ФИФА се фали – 94 отсто биле полни!?

Нема многу мечеви на Светското првенство во Катар на кои стадионите кои според информациите го чинеа Катар скоро 10 милијарди евра да бидат полни до последно место, ама ФИФА или се прави слепа или јавноста гледа нешто друго, зашто светската централа се пофали дека – 94 отсто од капацитетите биле исполнети (?!).

ТВ-снимките и фотографиите од безбројните празни седишта, зачудувачки празните места на мечевите на домаќинот Катар го обиколија светот. Ама, ФИФА такво нешто не гледа или не сака да гледа, па смешно делува објаснувањето дека безмалку сите стадиони се исполнети.

„Официјалните податоци покажуваат дека просечната посетеност на мечевите досега на СП е 94 отсто споредбено со капацитетите на стадионите“, објави ФИФА.

Како стигнаа до овој процент на исполнетост е прашање, ама уште поурнебесно е објавувањето на податоците на посета, поголема од капацитетот на стадионот.

„Капацитетите кои стојат се според минималните барања за организација на мечевите. Значи за финале и отворање се бара капацитет од 80.000 гледачи односно 60.000 гледачи. Но, прекрасниот 'Лусаил' има капацитет од 88.966 гледачи, 'Ал Бајт' е со капацитет од 68.895 гледачи... Точниот капацитет е познат пред самиот старт кога ќе се финализира сѐ, кога ќе ја имаме комплетната мапа на стадионот, од инфраструктурата за медиумите, броадкастерите, гостите... Капацитетите може да варираат, посебно за отворањето и финалето, така да тие бројки се различни од тие што циркулираат“, додаде ФИФА.