Карагер ѝ се извини на Астон Вила: Си го гризнав јазикот, сè звучеше погрешно...
Карагер предизвика незадоволство откако изјави дека Унаи Емери би требало да се пресели во Манчестер јунајтед, нагласувајќи дека Астон Вила никогаш нема да биде клуб од рангот на „црвените ѓаволи“. Дополнително, тој им порача на навивачите да „замолчат“, што предизвика уште поголем револт.
Реакцијата на клубот беше остра, а претседателот лично најави можност за тужба. Сепак, по извинувањето на Карагер, Астон Вила одлучи да се откаже од тој чекор.
„Сакам да им се извинам на навивачите на Астон Вила и на самиот клуб. Несмасно ги избрав зборовите. Ги уверувам навивачите дека се ‘гризнaв за јазикот’ и дека разбирам оти сè звучеше погрешно. Се извинувам“, порача Карагер.
Иако е јасно зошто навивачите на Астон Вила се почувствуваа навредени, поентата на неговата изјава била да го опише начинот на кој функционира фудбалскиот пазар. Според Карагер, поголемите клубови редовно ги привлекуваат најдобрите играчи и тренери од помалите.
Како пример го посочи и Реал Мадрид, кој може да ангажира фудбалер на Манчестер јунајтед, потсетувајќи на случајот со Кристијано Роналдо. Истовремено, тој смета дека секогаш ќе постојат клубови од кои и Астон Вила ќе може да доведува играчи.