Eкипата на Струга и по вторпат сезонава го победи актуелниот шампион Вардар откако на терените на ФФМ во Лисече денеска славеа триумф од 1-0.

Стружани во едно типично македонско дерби без премногу шанси со многу борба излегоа како победници, а херој беше искусниот Марјан Радески. Се играше 31. минута кога голгетерот на Струга добро се снајде од тешка позиција и го матираше Талески на голот на Вардар.

Вардар во првото полувреме не успеа да упати ниту еден удар во рамките од голот, додека во вториот тргна поконкретно по израмнување и успеа да ја погоди мрежата. Сепак, голот на Данев во 53-тата минута беше поништен по реакција на ВАР

До крајот избраниците на Божовиќ имаа поголем посед на топката и иницијатива, сепак гол немаше па Струга ги однесе трите бода. Гостите пред самиот крај во 96-тата минута останаа со играч помалку кога Флоријан Рочи доби два жолти картони во 15 секунди, но веќе беше предоцна за Вардар да ја искористи бројчаната предност.

Струга го победи Вардар и во првиот натпревар сезонава кога на свој терен славеше со истиот резултат, а единествениот гол тогаш го постигна Малески. На табелата Вардар сега по 12 кола на четвртата позиција ќе има веќе шест бода заостанување зад лидерот Шкендија.

Во вториот натпревар кој се играше во истиот термин, Башкими стигна до втората победа сезонава славејќи над Арсими со 2-1.