Кин жестоко по газдите на Јунајтед: Нема да молчам додека клубот се распаѓа!

Легендарниот капитен на „црвените ѓаволи“, Рој Кин не штедеше критики за лошите резултати и луѓето кои го водат клубот, посочувајќи дека проблемите траат со години, а одговорност никој не презема.

Кин повторно без влакна на јазикот зборуваше за состојбата во својот поранешен клуб. Ирецот смета дека проблемот не е само во тренерите кои доаѓаат и си заминуваат, туку и во управата која, според него, со години не успева да ги реши истите проблеми. Тој посебно ги посочи сопствениците Глејзери, но и ИНЕОС, кој ја води спортската страна на клубот, нагласувајќи дека сите мора да сносат одговорност за ситуацијата на „Олд Трафорд“.

„Луѓето велат дека ја изградив кариерата критикувајќи. Во ред, наречете ме бедник или огорчен човек, не ми е грижа. Нема да седам на телевизија и да им кажувам на навивачите дека сè е прекрасно додека клубот се распаѓа.

Преку глава ми е  од луѓето кои се преправаат дека проблемите започнаа со последниот тренер. Доаѓа еден и ветува одредени стандарди, две години подоцна си заминува. Потоа доаѓа друг со нов план, а и тој си оди. Месеците ги поминуваме расправајќи се за формацијата, додека истите проблеми остануваат и по секоја промена. Во меѓувреме, луѓето кои го создадоа овој хаос сè уште се на своите позиции“, порача Кин.

Поранешниот капитен смета дека заминувањето на Сер Алекс Фергусон означило губење на правецот во кој се движи клубот.

„Кога јас играв за Јунајтед, очекувањето секогаш беше да победуваме. Менаџерот имаше авторитет, сите во соблекувалната знаеја кои се стандардите и што сака да постигне клубот.

Кажете ми сега што сака да постигне Манчестер Јунајтед? Не ми давајте некаква смешна презентација за тригодишен план. Кажете ми што се случува на теренот. Зошто играчите влегуваат во натпреварот како да имаат нешто да докажат, а го завршуваат како да заборавиле зошто воопшто се таму? Зошто секој нов тренер ги наследува истите проблеми, само со различни имиња на дресовите?“, праша Ирецот.

Кин се осврна и на огромните суми потрошени за засилувања, оценувајќи дека трошењето стотици милиони евра без јасен план е уште еден доказ за лошото управување.

„Секако дека потрошија пари. Но, тоа ја прави ситуацијата уште полоша. Потрошија стотици милиони без план и не изградија ништо.

Кога е позицијата во прашање, Јунајтед сезонава по девет одиграни кола се наоѓа на 17-тата позиција со седум бода, само два повеќе од последнопласираниот Сандерленд.