Силекс киксна на гостувањето во Автокоманда - мечот доцнеше поради немање итна помош!
Дуелот почна со задоцнување од половина час бидејќи се чекаше пристигнувањето на задолжителното амбулантно возило. Резултатот претставува изненадување ако се земе предвид првото сезонско соочување на овие два тима, во кое кратовчани беа апсолутно надмоќни и славеа убедлива победа од 3-0.
Фудбалерите на Силекс очекувано веднаш ја презедоа иницијативата и беа далеку поактивниот противник на теренот. Домаќините својата шанса ја чекаа преку контранапади, но нивните обиди беа лесно неутрализирани од добро поставената гостинска одбрана која не дозволи топката воопшто да стигне до голманот Џеков. И покрај целосната контрола, кратовци не успеаја да го најдат патот до мрежата на Кристијан Наумовски. Првата сериозна закана ја испрати Манојлов во 7. минута со удар откосо кој беше одбранет од домашниот чувар на мрежата, додека во 22. минута ударот на Шеро беше изблокиран во последен момент од страна на Трајчевски. Пред крајот на првиот дел, Наумовски повторно блесна и спречи сигурен погодок по обидот на Ангелче Тимовски.

Сликата на теренот не се промени ниту во второто полувреме, во кое Силекс продолжи да го диктира темпото и да ја држи топката во свој посед. Најдобрата можност за промена на резултатот ја пропушти Хасукиќ, по што средбата заврши со непопуларни 0-0.
Екипата на Скопје сè уште е без ниту една победа оваа сезона и останува на дното на табелата со само четири бода, а во следното коло ја очекува тешко гостување кај Тиквеш во Кавадарци. Од друга страна, составот на Силекс ќе се обиде да се врати на победничките патеки во следната прволигашка рунда кога на домашен терен ќе го пречека тимот на Вардар.