Кан: Се плашам од тоа колку Баерн е добар во моментов
Тимот предводен од тренерот Винсент Компани има дури 11 бода предност во однос на второпласираната Борусија Дортмунд во Бундеслигата, а исто така се пласираа и во полуфиналето на германскиот куп, додека во првиот натпревар од осминафиналето во Лигата на шампионите убедливо ја совладаа Аталанта во Бергамо со 6-1.
Одличната сезона на Баерн ја коментираше и поранешниот легендарен голман на клубот, Оливер Кан.
„Кај Баерн има јасен показател зошто тимот игра толку добро. Може да ставите во игра речиси било кој фудбалер, а квалитетот на тимот нема да се намали. Тоа секогаш е знак дека ве очекува одлична сезона. Ретко кога Баерн играл толку добро како што игра сега. Не само во Бундеслигата, туку и во Европа.
Тимот функционира како машина. Единствено што ме загрижува е тоа што во моментов сè ни оди од рака, можеби и премногу добро. Нема да кажам дека Баерн лесно ќе ја освои Лигата на шампионите, но можам да кажам дека ја имаме најдобрата екипа во Европа“, изјави 56-годишниот Кан за германски „Скај Спортс“.
Кан најголемиот дел од својата кариера го мина токму во Баерн, каде што бранеше од 1994 до 2008 година. Со баварскиот клуб освои осум титули во германското првенство, една Лига на шампионите, еден Куп на УЕФА и шест национални купови. За германската репрезентација настапи на 86 натпревари и беше европски шампион во 1996 година.