Јужна Кореја со пресврт ја расплака Чешка! (ВИДЕО)
Јужна Кореја беше подобар противник и заслужено дојде до трите бода од овој натпревар иако до нив стигна со пресврт.
Азиската репрезентација уште во првото полувреме редеше шанси и се обидуваше да дојде до водство, но не успеа. Сон ја пропушти најголемата прилика.
Казна за неискористеното стигна во 59. минута кога Цоуфал асистираше до Крејчи, а тој погоди со глава за водство на Чешка од 1-0.
Предноста на Чесите не траеше ниту десет минути, во 67. минута Хванг Ин-Беом со фантастичен лоб израмни на 1-1.
Следуваше вистинска драма, во 77. минута Чешка се израдува на гол откако Соучек погоди со глава. Но, голот беше поништен поради офсајд.
Наместо водство на Чешка, се случи предност за Јужна Кореја, во следната акција нововлезениот Хион Гуи постигна гол за водство од 2-1. Што беше и конечен резултат.
Со овој натпревар е комплетирано првото коло во групата А. Мексико и Јужна Кореја стартуваа со победи.
Во следното коло Мексико ќе се сретне со Јужна Кореја, а Чешка и Јужна Африка во меѓусебен дуел ќе ги бараат првите бодови.